ВЛИЈАНИЕ ВРЗ ЗДРАВЈЕТО
Од срцето до зглобовите: како тежината го обликува телото

Најтешкиот речник
Прекумерната тежина и дебелината не влијаат само врз физичкиот изглед, туку и врз начинот на кој функционира нашето тело.
Со текот на времето прекумерната тежина и дебелината можат да го оптоварат секој систем во организмот — од срцето и белите дробови до хормоните и зглобовите.
2. Апнеа во спиење (опструктивна ноќна апнеа)
Апнеата во спиење (опструктивна ноќна апнеа) е нарушување на дишењето при кое во текот на спиењето се јавуваат кратки паузи во дишењето или значително ограничено дишење поради стеснување или блокирање на горните дишни патишта. Ова доведува до замор, нарушен сон и зголемен ризик од кардиоваскуларни и метаболички заболувања.
Обезноста е еден од главните ризик-фактори за апнеа во спиење. Прекумерната телесна тежина, особено масното ткиво околу вратот и градниот кош, може да го стесни дишниот пат и да предизвика негово повремено затворање. Истражувањата покажуваат дека губењето на тежината значително ја намалува сериозноста на апнеата и го подобрува квалитетот на спиењето.
Иако не секој што е со прекумерна тежина ќе развие апнеа, обезноста значително ги зголемува ризикот и сериозноста на состојбата.
Извори: link 1
3. Астма
Астмата е хронична болест на дишните патишта која предизвикува тешкотии при дишењето, кашлање и стегање во градите.
Обезноста кај возрасната популација е значаен ризик-фактор за развој и влошување на астмата. Луѓето со поголема телесна тежина почесто се хоспитализираат поради напади на болеста и имаат полош квалитет на живот во споредба со луѓето што имаат астма, но се со нормална тежина. Вишокот масно ткиво потенцира системско воспаление, го намалува волуменот на белите дробови и ја зголемува реактивноста на дишните патишта, што го влошува текот на болеста. Иако не е единствениот причинител, обезноста значително ја влошува сериозноста на симптомите и влијае врз ефектот на терапијата.
Извори: link 1 | link 2 | link 3
4. Атеросклероза
Атеросклерозата е хронична болест на крвните садови при која се таложат масти, калциум и други супстанции на внатрешните ѕидови на артериите, создавајќи наслаги кои го стеснуваат протокот на крвта. Ова може да доведе до зголемен крвен притисок, инфаркт, мозочен удар и други кардиоваскуларни проблеми. Обезноста е значаен фактор за развој на атеросклероза бидејќи го зголемува нивото на лош холестерол, предизвикува хронично воспаление и ја влошува функцијата на крвните садови. Луѓето со поголема телесна тежина почесто имаат метаболички нарушувања, хипертензија и дијабетес, кои дополнително ја зголемуваат веројатноста за атеросклероза. Иако не е единствен причинител, обезноста игра клучна улога во зголемувањето на ризикот и сериозноста на болеста.
Извори: link 1
5. Атријална фибрилација
Атријалната фибрилација е нарушување на срцевиот ритам при кое срцето чука брзо, неправилно и некоординирано. Ова доведува до чувство на прескокнување на срцето, замор, вртоглавица и зголемен ризик од тромб и мозочен удар.
Зголемената тежина значително ја зголемува веројатноста за појава на атријална фибрилација бидејќи придонесува за висок крвен притисок, воспаление и структурни промени во срцевото ткиво. Кај лицата со поголема телесна тежина се јавува и зголемен притисок врз срцето, особено врз левата преткомора, што го олеснува развојот на неправилен срцев ритам. Иако атријалната фибрилација може да се појави и од други причини, обезноста е еден од најзначајните и најдокажани ризик-фактори.
Извори: link 1
2. Гестациски дијабетес
Гестацискиот дијабетес е нарушување на метаболизмот на гликозата што може да се јави во текот на бременоста, при што телото не може доволно да го регулира нивото на шеќерот во крвта поради физиолошко зголемување на инсулинската резистенција. Дебелината значително го зголемува ризикот за развој на гестациски дијабетес бидејќи вишокот масно ткиво во телото дополнително ги влошува инсулинската резистенција и метаболичките промени кои се дел од нормалната бременост, што доведува до поголема веројатност за појава на високи вредности на шеќер и појава на дијабетес во бременоста, споредено со трудници со нормална телесна тежина. Гестацискиот дијабетес кај жените што се обезни е поврзан со поголем ризик од неповолни исходи од бременоста за мајката и за плодот, вклучувајќи макросомија, прееклампсија и потреба за царски рез. Ова ја потенцира важноста на одржувањето здрава телесна тежина и скрининг за гестациски дијабетес во вториот триместар од бременоста.
3. Гихт
Гихтот е вид воспалителен артритис кој предизвикува болка, оток и црвенило во зглобовите, најчесто во големиот прст на ногата. Болеста се јавува кога во телото се акумулираат високи нивоа на урична киселина, која формира кристали во и околу зглобовите, предизвикувајќи воспаление и болка. Иако не сите со високи нивоа на урична киселина развиваат гихт, генетиката, исхраната и други здравствени состојби го зголемуваат ризикот.
Обезноста е еден од најзначајните ризик-фактори за појава на гихт. Прекумерната телесна тежина го зголемува нивото на урична киселина во крвта, а со тоа и веројатноста за таложење на кристали и појава на воспалителни напади. Намалувањето на телесната тежина преку здрава исхрана и физичка активност може да го намали ризикот од гихт и да ја ублажи сериозноста на нападите.
Дополнително, гихтот може да доведе до други компликации, вклучувајќи проблеми со срцето и бубрезите, како хипертензија, хронична бубрежна болест и метаболички синдром, кои исто така се поврзани со високата телесна тежина.
Извор: link
2. Дијабетес
Дијабетесот е хронична болест при која нивото на шеќер во крвта (гликемија) е високо. Со текот на времето високата гликемија може да предизвика други здравствени проблеми, како срцеви заболувања, оштетување на нервите, проблеми со очите и со бубрезите. Најчести форми се дијабетес тип 1, при кој телото не произведува инсулин или во многу мали количини, и дијабетес тип 2, при кој телото не го користи инсулинот правилно (инсулинска резистенција) или телото не произведува доволно инсулин.
Обезноста е еден од главните ризик-фактори за развој на дијабетес тип 2. Прекумерната телесна тежина го зголемува ризикот за инсулинска резистенција, што доведува до зголемени нивоа на шеќер во крвта. Намалувањето на телесната тежина преку здрава исхрана и физичка активност може значително да го намали ризикот за дијабетес тип 2, да помогне во контрола на гликемијата и да го намали ризикот од компликации.
Извор: link 1 | link 2
3. Дислипидемија
Дислипидемијата е состојба која се карактеризира со абнормални нивоа на липиди, како што се: високи нивоа на т.н. „лош“ (LDL) холестерол, ниски нивоа на „добар“ (HDL) холестерол, покачен вкупен холестерол и покачени триглицериди. Оваа состојба е често тесно поврзана и е дел од т.н. метаболички синдром. Метаболичкиот синдром е збир на повеќе состојби, вклучувајќи ги: покачената тежина, инсулинската резистенција, хипертензијата и дислипидемијата.
Обезноста е силно поврзана со дислипидемијата бидејќи прекумерната телесна маса доведува до зголемена продукција на липопротеини со многу ниска густина
(VLDL) и намалена елиминација на истите, што предизвикува покачени триглицериди TG, низок HDL холестерол и зголемена концентрација на мали густи LDL-честички. Сите овие промени се атерогени и го зголемуваат ризикот за кардиоваскуларни болести.
Важно е да се напомене дека намалувањето на телесната тежина може значително да ги подобри липидните профили. Губењето тежина со здрава исхрана и физичка активност ги намалува триглицеридите и LDL‑холестеролот и го зголемува HDL‑холестеролот.
Извор: link 1
2. Инфаркт (миокарден инфаркт)
Миокардниот инфаркт е акутна состојба при која дотокот на крв до дел од срцевиот мускул нагло се прекинува, најчесто поради тромб што ја блокира коронарната артерија. Овој прекин предизвикува недостиг на кислород и оштетување на срцевото ткиво.
Лицата со зголемена телесна тежина почесто имаат висок крвен притисок, покачен холестерол и инсулинска резистенција, фактори кои ја прават артериската плака поранлива. Кога таа ќе пукне, се создава тромб кој може целосно да ја блокира артеријата и да предизвика инфаркт. Така, обезноста влијае преку повеќе меѓусебно поврзани механизми што ја зголемуваат веројатноста за оваа сериозна состојба.
3. Инфертилитет
Инфертилитетот е нарушување на репродуктивната способност, а обезноста претставува еден од главните модифицирачки ризик-фактори кај двата пола. Вишокот масно ткиво дејствува како ендокрин активен орган што го нарушува хормоналниот баланс неопходен за нормална овулација и сперматогенеза.
Кај жените, зголемениот индекс на телесна маса доведува до хормонска дисрегулација, нарушена овулација и намален квалитет на јајце-клетките, со што значително се намалува природната фертилност. Кај мажите, обезноста ги нарушува хормоналниот баланс и сперматогенезата, со пониски нивоа на тестостерон, послаб квалитет на спермата и повисок ризик од инфертилитет.
2. Колоректален карцином (рак на дебелото црево)
Kолоректалниот карцином е малигно заболување кое се развива во дебелото црево или во ректумот. Најчесто започнува како мала, бенигна израснатина наречена полип, која со текот на времето може да се трансформира во карцином. Овој процес обично трае повеќе години, што значи дека раното откривање има клучно значење. Колоректалниот карцином често нема симптоми во рана фаза, поради што редовниот скрининг е многу важен. Кога ќе се појават, симптомите може да бидат: долготрајна дијареја или запек, промени во изгледот на столицата (потенка, потемна), чувство дека цревата не се целосно испразнети по одење во тоалет, крв во столицата, болка и непријатност во стомакот, зaмор, слабост.
Обезноста го зголемува ризикот од развој на колоректален карцином, еден од најчестите карциноми кај возрасната популација. Лицата со прекумерна телесна тежина почесто имаат хронично воспаление, инсулинска резистенција и зголемени нивоа на одредени хормони и фактори на раст, кои можат да го поттикнат растот на канцерогените клетки во дебелото црево и ректумот.
Истражувањата покажуваат дека ризикот од колоректален карцином се зголемува со зголемување на индексот на телесна маса (БМИ), особено кај абдоминална обезност. Одржувањето здрава телесна тежина, балансираната исхрана и редовната физичка активност може значително да го намалат ризикот од ова сериозно заболување.
Извор: link 1 | link 2 | link 3
3. Коронарна срцева болест
Коронарната срцева, односно коронарната артериска болест настанува кога во крвните садови што го снабдуваат срцевиот мускул со кислород се таложат масни наслаги (атероми), кои со текот на времето ги стеснуваат артериите и го намалуваат протокот на крв, што може да доведе до недоволно снабдување на срцето со кислород и зголемен ризик од срцев удар. Обезноста е еден од најзначајните ризик-фактори за развој на оваа состојба бидејќи вишокот масно ткиво, особено висцералните масти околу органите и срцето, создава хронично воспаление, ја нарушува регулацијата на мастите во крвта и го покачува крвниот притисок, со што директно го забрзува процесот на атеросклероза. Поради овие механизми, кај лицата со обезност почесто и порано се јавуваат срцеви компликации, вклучувајќи ангина, срцев удар и нарушена функција на срцевиот мускул, што ја прави оваа болест една од најсериозните последици на прекумерната телесна тежина.
2. Метаболичка масна болест на црниот дроб (MASLD)
MASLD претставува натрупување на масти во црниот дроб, што со текот на времето може да премине во воспаление (хепатит) и оштетување на ткивото. Директно е поврзана со метаболичкиот синдром, инсулинската резистенција и обезноста.
Кај лицата со прекумерна тежина црниот дроб складира масти како „резерва“, но ова акумулирање ја нарушува неговата функција. Над 70 % од пациентите со дебелина развиваат MASLD, а лицата со висцерална (абдоминална) дебелина имаат двојно поголем ризик за прогресија во воспаление.
Добрата вест е дека MASLD е реверзибилна — губењето само 5-10 % од телесната тежина може значително да ја намали акумулацијата на масти во црниот дроб и да го спречи развојот на посериозни нарушувања.
Извор: link 1
3. Mетаболичко воспаление на црниот дроб (MASH)
Воспаление на црниот дроб поврзано со метаболичка дисфункционалност (MASH) е понапредната фаза на метаболичка масна болест на црниот дроб (MASLD) — кога мастите во црниот дроб веќе предизвикуваат воспаление и оштетување на клетките. Ако не се третира, ова може да прерасне во цироза или рак на црниот дроб.
Обезноста е еден од најсилните предиктори за развој на MASH. Вишокот масти во телото создава „притисок“ врз метаболизмот и го нарушува начинот на кој црниот дроб ги обработува маснотиите и шеќерите. Пациентите со дебелина и дијабетес тип 2 имаат 4 до 6 пати поголем ризик за развој на MASH во споредба со лицата со здрава тежина.
Важно е да се знае дека MASH долго време може да биде без симптоми — и затоа често доцна се открива. Промената во исхраната, слабеењето и физичката активност се клучни бидејќи тие буквално можат да ја спречат болеста и да го спасат црниот дроб од трајни оштетувања.
Извор: link 1
4. Мозочен удар
Обезноста значително го зголемува ризикот од мозочен удар. Луѓето со зголемена телесна тежина почесто имаат висок крвен притисок, покачен шеќер во крвта и нарушени маснотии во крвта – состојби кои директно ги оштетуваат крвните садови и го зголемуваат ризикот од стеснување или затнување на крвните садови во мозокот.
Дополнително, обезноста е поврзана со хронично воспаление и создавање наслаги (плаки) во артериите, што може да го попречи дотокот на крв до мозокот. Истражувањата покажуваат дека ризикот од мозочен удар се зголемува со зголемувањето на индексот на телесна маса (БМИ), особено кај лица со абдоминална (централна) обезност.
Добрата вест е дека намалувањето на телесната тежина, здравата исхрана и редовната физичка активност можат значително да го намалат ризикот од мозочен удар и да го подобрат целокупното здравје.
5. Мултипен миелом
Мултипниот миелом е малигно заболување што се развива во плазма-клетките, вид бели крвни клетки сместени во коскената срцевина. Болеста започнува кога овие клетки почнуваат неконтролирано да се размножуваат и да произведуваат абнормални протеини, што постепено го нарушува создавањето на нормални крвни клетки и ја оштетува коскената структура.
Еден од најчестите ризик-фактори за развој на мултипен миелом е обезноста. Прекумерната телесна тежина придонесува за хронично воспаление, хормонални нарушувања и повисоки нивоа на одредени протеини и фактори на раст кои ја поттикнуваат пролиферацијата на плазма-клетките. Исто така, кај лица со обезност почесто се појавуваат рани промени во коскената срцевина, абнормални плазма-клетки кои сè уште не создаваат симптоми, но ја зголемуваат веројатноста со текот на времето да се развие мултипен миелом.
2. Периферна артериска болест
Периферната артериска болест е состојба при која се стеснуваат или затнуваат крвните садови, најчесто во нозете, што доведува до намален проток на крв. Обезноста значително го зголемува ризикот од развој на ова заболување бидејќи е тесно поврзана со висок крвен притисок, дијабетес и покачени масти во крвта – главни фактори што ги оштетуваат артериите.
Кај лицата со обезност почесто се развива атеросклероза (создавање наслаги во крвните садови), што може да предизвика болки во нозете при одење, чувство на слабост, студени екстремитети и побавно зараснување на раните. Намалувањето на телесната тежина, здравата исхрана и физичката активност можат значително да го намалат ризикот и да го подобрат здравјето на крвните садови.
3. Полицистични јајчници (PCOS)
Синдромот на полицистични јајчници (PCOSy) е често хормонално нарушување кај жени во репродуктивна возраст. Настанува поради хормонален дисбаланс, при што јајчниците произведуваат зголемени количества машки хормони (андрогени). Ова може да ја наруши овулацијата и да влијае врз менструалниот циклус и плодноста.
PCOSy е тесно поврзан со инсулинска резистенција и дебелина, а се смета за метаболичко и репродуктивно нарушување со долгорочни здравствени последици.
Симптомите може да варираат од жена до жена и вклучуваат: нередовнa или отсустна менструација, тешкотии со забременување, акни, зголемена влакнатост на лицето и телото (хирзутизам), темни задебелени промени на кожата (acanthosis nigricans).
Повеќе од 50 % од жените со PCOSу имаат прекумерна телесна тежина или дебелина. Вишокот масно ткиво ја влошува инсулинската резистенција, што дополнително го нарушува хормоналниот баланс и ги засилува симптомите.
Намалувањето на телесната тежина, дури и за 5–10 %, може да го подобри менструалниот циклус, да ја зголеми шансата за овулација и бременост, да ги намали акните и влакнатоста, да го намали ризикот од дијабетес тип 2 и срцеви болести.
Извор: link 1
4. Постменопаузален рак на дојка
Постменопаузалниот рак на дојка претставува малигно заболување кое најчесто се развива по менопаузата и е хормонално зависно. Најголем дел од туморите кај оваа група жени се естроген-рецептор позитивни (ER+), што значи дека растот на туморот е стимулиран од хормонот естроген.
Обезноста е значаен ризик-фактор за развој на постменопаузален рак на дојка. По менопаузата, масното ткиво станува главен извор на естроген преку ензимот ароматаза, што доведува до поголема хормонска изложеност и поголем ризик од развој на ER+ карцином. Централната (абдоминална) дебелина, исто така, е поврзана со хронично воспаление, инсулинска резистенција и повисоки вредности на лептин – механизми кои дополнително го поттикнуваат растот на туморот. Големи популациски студии, како Women’s Health Initiative (WHI), покажуваат дека жените со висок БМИ имаат значително поголем ризик за развој на постменопаузален инвазивен рак на дојка, особено за ER+/PR+ типот.
Извор: link 1 | link 2 | link 3
5. Предијабетес
Предијабетес е состојба во која нивото на шеќер во крвта е повисоко од нормалното, но не доволно високо за да се класифицира како дијабетес тип 2. Лицата со предијабетес често немаат јасни симптоми, но можат да почувствуваат зголемен замор, зголемена жед или побавно заздравување на раните. Без навремена интервенција, предијабетесот многу често прогресира во манифестен дијабетес тип 2.
Обезноста е еден од најважните ризик-фактори за развој на предијабетес. Прекумерната телесна тежина, особено маснотии околу стомакот (абдоминална обезност), доведува до намалена чувствителност на клетките кон инсулин — состојба позната како инсулинска резистенција, која претставува основен механизам во развојот на предијабетес. Масното ткиво лачи воспалителни супстанции и хормони кои дополнително го нарушуваат метаболизмот на гликозата. Намалувањето на телесната тежина за само 5–7 % значително го намалува ризикот од прогресија во дијабетес, а редовната физичка активност и здравата исхрана се клучни во спречувањето на заболувањето.
Извор: link
2. Рак на желудник (карцином на кардија – горниот дел)
Карциномот на кардија е рак кој се јавува во горниот дел на желудникот, блиску до хранопроводот. Во овој дел се јавуваат тумори кои често се поврзани со воспаление, лоши навики во исхрана, хроничен рефлукс (постојано враќање на желудочна киселина) и метаболички нарушувања. Тој е посебен поттип на желудочен карцином и неговите ризик‑фактори се делумно различни од оние за другите делови на желудникот.
Обезноста, особено зголемената телесна маса (БМИ), е поврзана со значително зголемен ризик за развој на аденокарцином на кардија. Според некои истражувања, покрај БМИ, абдоминалната (стомачна) дебелина (мерена со обем на половината) е особено важна. Луѓето со прекумерна тежина, особено со абдоминална дебелина, имаат значително поголем ризик за развој на карцином на кардија. Масното ткиво во стомачната регија го зголемува притисокот врз желудникот, што често води до хроничен гастроезофагеален рефлукс (ГЕРБ) – состојба каде што киселината постојано се качува кон хранопроводот. Овој долгогодишен рефлукс создава воспаление и оштетување во горниот дел на желудникот, што ја зголемува веројатноста за појава на рак.
3. Рак на жолчно ќесе
Ракот на жолчното ќесе е малигно заболување на жолчното ќесе, мала торбичка под црниот дроб која складира жолчка. Болеста често се манифестира со болка во горниот дел на стомакот, гадење, жолтица или промени во варењето на храната, а, за жал, најчесто се дијагностицира во подоцна фаза.
Обезноста е значаен ризик-фактор за развој на рак на жолчното ќесе. Кај лицата со прекумерна тежина, зголемениот БМИ ја зголемува веројатноста за развој на жолчни камења, кои предизвикуваат хронично воспаление во жолчното ќесе. Ова воспаление може да доведе до промени во клетките на жолчното ќесе и со текот на времето да предизвика малигна трансформација (односно развој на рак). Намалувањето на телесната тежина преку здрава исхрана и редовна физичка активност може да помогне во намалувањето на ризикот, како и во превенција на појавата на жолчни камења.
4. Рак на јајчници
Ракот на јајчници е малигно заболување кое почнува во ткивото на јајчниците, органите одговорни за производство на јајце-клетки и женски хормони. Болеста често нема специфични симптоми на почетокот, но може да се манифестира со чувство на надуеност, болка во долниот дел на стомакот, промени во дигестивниот систем (системот за варење), чувство на брза ситост и нарушувања поврзани со мочниот меур.
Обезноста е значаен ризик-фактор за развој на рак на јајчници. Кај лицата со прекумерна телесна тежина се зголемува производството на естроген во масното ткиво, што може да го стимулира растот на клетките на јајчниците и да го зголеми ризикот за малигна трансформација (односно развој на рак). Хроничното нискостепено воспаление и метаболичките промени поврзани со обезност, исто така, можат да го влошат развојот на болеста. Намалувањето на телесната тежина преку здрава исхрана и редовна физичка активност може да помогне во намалувањето на ризикот од појава на рак на јајчници.
Извор: link 1 | link 2
5. Рак на панкреас
Дебелината е докажан ризик‑фактор за развој на карцином на панкреас. Луѓето со прекумерна телесна тежина имаат поголема веројатност да заболат од овој тип карцином отколку лицата со нормална телесна тежина.
Вишокот масно ткиво во телото предизвикува хронично воспаление, инсулинска резистенција и покачени нивоа на инсулин и фактори на раст, кои можат да го поттикнат растот на малигни клетки (рак) во панкреасот. Дополнително, дебелината е тесно поврзана со дијабетес тип 2, кој исто така го зголемува ризикот од карцином на панкреас.
Истражувањата покажуваат дека ризикот од карцином на панкреас се зголемува со зголемување на индексот на телесна маса (БМИ), а одржувањето здрава телесна тежина може да помогне во намалување на ризикот.
Во почетокот може да нема симптоми, а подоцна да се појави болка во горниот дел на стомакот што се шири кон грбот, губење на апетитот и на телесната тежина, жолтица (пожолтување на кожата и очите), темна урина и светла, масна столица, замор, слабост и новонастанат или влошен дијабетес.
6. Рак на тироидна жлезда
Ракот на тироидната жлезда почнува во тироидната жлезда, која ја регулира метаболичката активност преку хормоните. Тој често се манифестира со јазол или оток во вратот, променет глас или тешкотии при голтање.
Обезноста е поврзана со зголемен ризик од развој на тироиден карцином. Истражувањата покажуваат дека луѓето со висок БМИ имаат повисок ризик за развој на рак на тироидна жлезда, а секоја промена на телесна тежина (качување на телесната тежина или слабеење) може да влијае врз тој ризик.
Покрај тоа, метаболичките нарушувања поврзани со дебелината — како хронично воспаление, инсулинска резистенција и промени во хормоните — можат да го стимулираат растот на тироидните клетки и да ја зголемат веројатноста за малигна трансформација.
Намалувањето на телесната тежина и одржувањето здрав БМИ се важни стратегии за намалување на ризикот од тироиден карцином.
Извор: link 1 | link 2 | link 3
7.Рак на црн дроб (хепатоцелуларен карцином)
Ракот на црниот дроб, најчесто во форма на хепатоцелуларен карцином (HCC), е малигна болест која обично се развива кај хронично оштетен црн дроб. Најчести симптоми се болка или тежина под десниот ребрен лак, губење на апетитот, слабост, необјаснето слабеење, пожолтување на кожата и акумулација на течност во абдоменот.
Обезноста претставува значаен ризик-фактор за развој на HCC. Лицата со прекумерна тежина имаат поголема веројатност да развијат масен црн дроб (MASLD), кој може да премине во воспаление, фиброза (влакнесто стврднување на органите), цироза и на крај рак. Истражувањата покажуваат дека абдоминалната дебелина создава хронична воспалителна средина и хормонски промени кои го поттикнуваат растот на туморот. Кај дебелината, мастите ослободуваат адипокини и провоспалителни молекули (лептин, TNF-α, IL-6) кои ја нарушуваат имунолошката одбрана и го поттикнуваат растот и развојот на клетките на HCC. Дополнително, инсулинската резистенција и метаболичките нарушувања карактеристични за обезноста ја зголемуваат веројатноста за рана појава и побрза прогресија на болеста. Намалувањето на телесната тежина, здравата исхрана и физичката активност може да го намалат ризикот од развој на хронични заболувања на црниот дроб, а со тоа и ризикот од HCC.
8. Ренален клеточен карцином (рак на бубрези)
Реналниот клеточен карцином е најчестиот вид рак на бубрег и започнува во ткивото на бубрегот. Може да се манифестира со крвавење во урината, болка во бубрегот или абдоменот (стомакот), намалена функција на бубрегот и ненадејно губење тежина.
Обезноста претставува значаен ризик-фактор за развој на ренален клеточен карцином. Кај лица со висок БМИ, ризикот за развој рак на бубрег е зголемен, особено за јасно клеточната форма. Механизмите вклучуваат хормонски промени, воспаление и промени во метаболизмот на масните киселини, кои можат да придонесат за раст на туморските клетки. Контролирањето на телесната тежина преку здрава исхрана и редовна физичка активност може да ја намали веројатноста за развој на болеста.
Извор: link 1
2. Срцева слабост
Зголеменото срцево оптоварување се случува кога срцето мора да пумпа поголем волумен на крв за да го снабди телото. Поради ова, срцето работи повеќе и се зголемува оптоварувањето на мускулот, особено на левата комора. Долготрајниот стрес врз срцето може да предизвика проширување на срцевите комори и зголемување на густината на срцевиот мускул, што го зголемува ризикот од срцева слабост и други компликации.
Кај луѓето со поголема телесна тежина, особено кај жени по менопауза, ризикот од срцева слабост е значително поголем.
Намалувањето на телесната тежина преку здрава исхрана и физичка активност може да го намали оптоварувањето на срцето и да го подобри неговото функционирање.
3. Срцева слабост со зачувана ејекциона фракција (HFpEF)
Срцевата слабост со зачувана ејекциона фракција (пумпна сила) значи дека срцето пумпа доволно крв според проценетата „јачина“, но не успева ефикасно да го направи тоа поради зголемен притисок во коморите. Ова доведува до отежнато дишење, замор и намалена физичка способност.
Обезноста е идентификувана како еден од главните двигатели на HFpEF — вишокот масно ткиво предизвикува покачен крвен притисок, зголемено оптоварување на срцето и нарушување на структурата на левата комора. Дополнително, хроничната инфламација и инсулинската резистенција кај лицата со дебелина ја влошуваат кардијалната (срцевата) функција. Речиси половина од пациентите со срцева слабост и зачувана ејекциона фракција (HFpEF), која се однесува на процентот на крв што срцето го исфрла при секое отчукување, имаат прекумерна телесна тежина или обезност. Намалувањето на тежината има значителен позитивен ефект врз срцевиот капацитет. Ова покажува дека дебелината не е само ризик-фактор, туку често и основна причина за појава и прогресија на овој тип срцева слабост.
Извор: link 1
2. Хипертензија
Хипертензијата е честа последица на обезноста и често се нарекува „тивок убиец“ затоа што долго време може да помине без симптоми, а да предизвика сериозни оштетувања на срцето, мозокот и на крвните садови. Кога има вишок масно ткиво, особено во абдоменот, организмот лачи хормони и супстанции што го зголемуваат крвниот притисок и го оптоваруваат срцето.
Обезноста го зголемува волуменот на крвта, па срцето мора да работи посилнo. Создава инсулинска резистенција, која активира механизми за покачување на притисокот. Таа води до активација на симпатичкиот нервен систем, а исто така и ја оштетува еластичноста на артериите.
70 % од случаите на хипертензија се директно поврзани со прекумерна телесна тежина. Дури и умерено намалување на тежината (5-10 % од телесната маса) може значително да ги намали крвниот притисок и ризикот од кардиоваскуларни компликации.
Извор: link 1
3. Хипертрофија (задебелување) на левата срцева комора
Левокоморната хипертрофија значи задебелување на ѕидовите на левата срцева комора — делот што има задача да ја пумпа крвта во остатокот од телото. Ова задебелување е последица на претерано оптоварување на срцето, најчесто поради висок крвен притисок и зголемен волумен на крв – состојби кои многу често се присутни кај лица со обезност.
Кога срцето долго време работи „против притисок“, мускулите на левата комора почнуваат да се задебелуваат. Ова не значи поголема сила, напротив – срцето станува помалку ефикасно, што води до аритмии, срцева слабост и ризик од срцев удар.
Обезноста е еден од најсилните ризик-фактори за појава на левокоморно задебелување и се смета за еден од „тивките предупредувачи“ дека срцето веќе е под прекумерен напор.
Извор: link 1
4. Холелитијаза (камења во жолчка)
Холелитијазата претставува формирање на жолчни камења – кристализирани наслаги во жолчното ќесе кои често се асимптоматски, но можат да доведат до билијарна колика, воспаление или акутна болка. Обезноста е еден од главните ризик-фактори за развој на жолчни камења. Кај лица со прекумерна телесна тежина, нивото на холестерол во жолчката е значително повисоко, а контракцијата на жолчното ќесе е нарушена, што го прави празнењето побавно и неефикасно. Покрај тоа, инсулинската резистенција која често се јавува при обезност директно влијае врз метаболизмот на липидите и дополнително го поттикнува создавањето камења.
Постепеното и контролирано слабеење е клучен фактор за превенција на оваа состојба.
Извор: link 1
5. Хронична болка во грбот
Хроничната болка во грбот е еден од најчестите здравствени проблеми што се поврзани со прекумерна телесна тежина. Кај лица со обезност, ’рбетниот столб е изложен на поголем механички товар, што го забрзува трошењето на дисковите и зглобовите и може да доведе до дегенеративни промени. Висцералната маст, особено таа околу стомакот, лачи воспалителни молекули кои го поттикнуваат хроничниот болен процес и ја зголемуваат чувствителноста на нервните завршетоци. Истовремено, намалената физичка активност резултира со слаба мускулатура и неправилно држење на телото, а може да се јави и компресија на нерви во лумбалниот дел. Секое зголемување на БМИ за една единица го зголемува ризикот за хронична болка во грбот за 7-10 %, што укажува дека слабеењето не само што го намалува товарот на ’рбетот туку и директно ја намалува воспалителната реакција во организмот и ја подобрува функцијата на мускулно-скелетниот систем.
Извор: link 1
6. Хронична бубрежна болест
Хроничната бубрежна болест подразбира постепено губење на бубрежната функција – органите кои филтрираат отпадни материи, токсини и вишок течности од крвта и ја одржуваат метаболичката рамнотежа во организмот. Обезноста претставува значаен ризик-фактор за развој на ХББ бидејќи директно ја зголемува инсулинската резистенција и го поттикнува развојот на дијабетес тип 2 – една од најважните причини за оштетување на бубрежните структури. Покрај тоа, лицата со обезност често имаат повисок крвен притисок, кој ги оштетува крвните садови во бубрезите и ја нарушува нивната способност за филтрирање. Редукцијата на телесната тежина и добрата контрола на крвниот притисок се основни стратегии за забавување на прогресијата и зачувување на бубрежната функција.
Извор: link 1
7. Хронична вентрикуларна тахикардија
Хроничната вентрикуларна тахикардија претставува абнормално забрзан срцев ритам кој потекнува од коморите на срцето. Кога епизодата трае подолго од 30 секунди, може да стане животозагрозувачка бидејќи срцето чука толку брзо што не успева да пумпа доволно крв за да ги снабди органите со кислород. Обезноста значително го зголемува ризикот од развој на хронична вентрикуларна тахикардија преку повеќе механизми: прво, прекумерната тежина често доведува до задебелување и оштетување на срцевиот мускул, што ја нарушува електричната спроводливост. Второ, покачените нивоа на масни киселини во крвта можат да влијаат врз срцевиот ритам и да создадат услови за аритмии. Дополнително, обезноста предизвикува воспалителни и оксидативни процеси кои ја менуваат структурата на ткивото на срцето. Кај многу пациенти со обезност се јавува и апнеа (прекинување на дишењето) при спиење, која е познат ризик-фактор за појава на аритмии (нерегуларен срцев ритам) и тахикардија (брз срцев ритам). Затоа, обезноста не е само придружен фактор, туку активен придонесувач кон нарушувањето на срцевиот ритам и зголемен ризик од опасни кардиолошки состојби.
Извор: link 1
8. Хронична диспнеа (долготрајно отежнато дишење)
Хроничната диспнеа, односно долготрајното чувство на отежнато дишење, е чест проблем кај лица со обезност. Зголемената телесна тежина врши притисок врз градниот кош и дијафрагмата, што го отежнува ширењето на белите дробови и ги прави дишењата пократки и напорни.
Дополнително, обезноста е поврзана со состојби како опструктивна ноќна апнеа, астма и слаб капацитет на белите дробови, кои дополнително ја влошуваат диспнеата. Лицата со обезност често чувствуваат замор и недостиг на воздух при секојдневни активности, како одење или качување по скали. Намалувањето на телесната тежина може значително да го олесни дишењето и да го подобри квалитетот на животот.
Извор: link 1




