ПРЕВЕНЦИЈА И СОВЕТИ

Здравите навики не се случуваат одеднаш, но секој чекор води кон подобро здравје и благосостојба.

Почни сега

Здравите навики се најдобрата превенција.

Промената не се случува одеднаш. Таа започнува со мал чекор – со изборот што го правиш денес.

Секој ден е нова можност да се грижиш за себе, да се движиш повеќе, да јадеш поздраво и да го слушаш своето тело.

ЗДРАВА ИСХРАНА

Исхраната е една од најважните алатки во справувањето против прекумерната тежина и дебелината. Но, здравата исхрана не значи забрани и рестрикции — туку свесен избор и разновидност во храната.

Совети за подобра исхрана:

• Јади почесто, но во помали количини – телото така полесно ја одржува енергијата.
• Наполни ја чинијата со боја – додади зеленчук, овошје и интегрални житарки.
• Замени го газираниот пијалак со вода
• Не јади пред екран – јади свесно, без брзање и слушај го телото кога ќе каже „доволно”.
• Кога можеш, подготви го оброкот дома – така точно знаеш што внесуваш и готвиш со љубов.

ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ

Секој чекор се брои. Не е важно дали одиш во теретана или шеташ со пријателите – важно е да се движиш.

Редовната физичка активност не само што помага при намалување на тежината, туку и го подобрува расположението и го зајакнува срцето.

Мали промени што прават разлика:

· Во секоја прилика движи се пешки или користи велосипед.
· Наместо лифт – користи скали.
· По секој оброк направи кратка 10-минутна прошетка.
· Избери активност што те исполнува – танц, пливање, јога или возење велосипед.

МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕ

Тежината не е само бројка. Често таа е огледало на внатрешна борба.

Стресот, анксиозноста и недостатокот на самодоверба можат да влијаат врз тоа како се храниме и се чувствуваме.

Затоа, психолошката поддршка е подеднакво важна како исхраната и вежбањето.

Совети за подобра ментална рамнотежа:

·  Одвој 10 минути дневно за себе – за тишина, дишење или прошетка.
·  Не се казнувај кога ќе згрешиш. Секој ден е нов почеток.
·  Опкружи се со луѓе кои те поддржуваат.
·  Побарај разговор со професионалец – тоа е знак на сила, не на слабост.

ПРЕВЕНЦИЈА КАЈ ДЕЦА И МЛАДИ

Здравите навики се учат од мали. Децата не го следат тоа што им го кажуваме – тие го следат тоа што го правиме. Промената започнува дома, со примерот што го даваме.

Совети за родителите:

·  Јадете заедно, без телефони.
·  Поттикнувајте физичка игра и активности надвор.
·  Не користете храна како награда или утеха.
·  Учете ги децата дека телото заслужува љубов, не осуда.

ЛЕКОВИ И ПОДДРШКА ОД СПЕЦИЈАЛИСТ

Понекогаш, здравата исхрана, редовната физичка активност и психолошката поддршка не се доволни сами по себе за да се постигнат посакуваните резултати во борбата со прекумерната тежина. Во вакви ситуации, лековите за слабеење можат да бидат важна алатка – но само кога се користат правилно и под строг медицински надзор.

Важно е да се потенцира дека лековите за слабеење не можат да направат чудо и не ја заменуваат здравата исхрана, движењето или психолошката грижа. Тие се тука за да ја поддржат промената: да помогнат во контрола на апетитот, да ја регулираат метаболичката функција или да го олеснат патот кон посакуваната тежина кога тоа е медицински оправдано.

Секогаш е потребно лековите да бидат препишани од лекар, кој ќе го процени вашето здравје, ќе ја следи ефикасноста и ќе го минимизира ризикот од несакани ефекти. Самостојната употреба на лекови може да биде опасна и да доведе до сериозни здравствени проблеми.

Совети за безбедна и ефективна употреба на лекови:

• Разговарајте отворено со вашиот лекар за сите аспекти на вашето здравје.
• Следете ги упатствата за дозирање и редовно известувајте за промени во тежината или здравствените показатели.
• Не очекувајте резултати преку ноќ – лековите се дел од долг процес кој бара трпение и упорност.
• Комбинирајте ги со здрави навики: балансирана исхрана, редовна физичка активност и ментална поддршка.
• Ако се појават несакани ефекти или сомнежи за здравјето, веднаш контактирајте го вашиот специјалист.

Со правилна употреба и поддршка од стручни лица, лековите можат да бидат значајна алатка во процесот на слабеење. Но нивната вистинска моќ е кога се комбинираат со целосен, интегриран пристап кој вклучува тело и ум – со што секој чекор напред станува одржлив и здрав.

Овие информации не ја заменуваат стручната медицинска помош. За прашања поврзани со вашето здравје, дијагноза или третман, секогаш консултирајте се со вашиот матичен лекар или лекар специјалист.

Превенцијата не е борба, туку грижa.

Малите избори денес ја градат иднината во која тежината нема да биде товар, туку рамнотежа помеѓу телото и умот.