РАЗБЕРИ ГО ПРОБЛЕМОТ

Обезноста е повеќе од изглед – тоа е комплексна медицинска состојба.

Повеќе од број на килограми

Прекумерната тежина и дебелината не се само прашање на изглед.
Тие претставуваат медицинска состојба која влијае врз секој дел од телото — од срцето и зглобовите до умот и емоциите.

Но, пред сè, дебелината не е прашање на волја или мрзливост.
Тоа е комплексна комбинација на фактори: генетика, хормонален баланс, исхрана, физичка неактивност, стрес, нарушен сон и нарушено ментално здравје.

Што, всушност, значи прекумерна тежина и дебелина?

Дебелината и прекумерната тежина се две категории кои се користат за да се опише состојбата која се карактеризира со абнормална или прекумерна акумулација на телесни масти што го загрозува здравјето со зголемен ризик од прерано развивање болести и предвремена смрт.

Најчесто се мери со индекс на телесна маса (Body Mass Index) — сооднос меѓу тежината и висината.

Зошто е важно да се зборува на оваа тема?

Во последните години бројот на лица со прекумерна тежина и дебелина расте, не само кај возрасните, туку и кај децата. Зад секој килограм плус секогаш „стои“ нешто невидливо: анксиозност, хормонски нарушувања, неправилен начин на живот или едноставно недостиг на поддршка.

Но, наместо осуда, ни треба разбирање и разговор. Во изминатите две децении состојбата со дебелината кај популацијата во РС Македонија бележи раст. Овие бројки не се само статистика, туку се сигнал за потреба од промени. Дебелината може да се третира, но уште подобро, може да се спречи.

2000г.

2016г.

2024г.

Во 2000 година 56,3 % од мажите и 46,7 % од жените биле со прекумерна тежина.

Во 2016 трендот значително се зголемил – 64,9 % од мажите и 51,2 % од жените биле со прекумерна тежина.

Според најновите податоци од 2024 година (Институт за јавно здравје): 28,4 % од возрасната популација (18+) живеат со дебелина. 30,5 % од децата на возраст од 6 до 9 години имаат зголемена телесна тежина. 13,8 % од децата живеат со дебелина

Ризици кои може да ги предизвика прекумерната тежина (дебелина)

Дијабетес тип 2

Дебелината го зголемува ризикот од дијабетес тип 2 преку инсулинска резистенција, а намалувањето на тежината помага во контрола на нивото на шеќерот и спречување компликации.

Хипертензија

Дебелината го зголемува крвниот притисок и го оптоварува срцето, а умерено намалување на тежината го намалува ризикот од кардиоваскуларни проблеми.

Коронарна срцева болест

Дебелината го забрзува развојот на коронарната болест преку воспаление, нарушен липиден метаболизам и висок крвен притисок, зголемувајќи ризик од ангина и срцев удар.

Дислипидемија

Дебелината доведува до висок „лош” LDL холестерол, низок „добар” HDL холестерол и покачени триглицериди, а губењето на тежината го подобрува липидниот профил и го намалува ризикот од срцеви болести.

Опструктивна апнеја
при спиење (‘рчење)

Обезноста го зголемува ризикот и сериозноста на апнеата, а губењето на тежината ја ублажува и го подобрува квалитетот на спиењето.

Остеоартритис

Обезноста создава прекумерен притисок врз зглобовите и воспаление, зголемувајќи ја болката, а намалувањето на тежината ја ублажува болката и ја забавува прогресијата.

ПОБАРАЈ ПОМОШ. ИЛИ ПРУЖИ ПОДДРШКА НЕКОМУ

Ако се справуваш со зголемена телесна тежина, не си сам/а.
Ако познаваш некој што се справува, биди му поддршка.
Еден разговор може да биде првиот чекор кон промена.